Снимање на сколиоза

24-01-2023

Од многубројните коскено-мускулни деформитети, денес најголемо значење се придава на СКОЛИОЗАТА. Тоа е еден од најчестите деформитети на ‘рбетот, а значи отстапување од нормалната (физиолошка) закривеност на ‘рбетниот столб. Станува збор за странична закривеност на ‘рбетниот столб со ротација на пршлените по надолжната оска. Сколиозата е состојба каде ‘рбетниот столб е абнормално искривен на страна, во облик на буквите Ѕ или С. Секој облик на СКОЛИОЗА е склон кон влошување. Се работи за комплексен деформитет чие лекување е долготрајно.

Основни карактеристики на СКОЛИОЗАТА:

• нееднаква висина на рамениците
• нееднаква положба на лопатките
• нееднаков простор меѓу струкот и надлактицата (Лоренцов триаголник)
• видлива грпка на ребрата при наведнување
• нееднакво развиена мускулатура околу ‘рбетот
• асиметрија на дојките кај девојки

На територијата од Македонија до сега не се направени сеопфатни епидемиолошки студии за застапеноста на ‘рбетни деформитети на целата детска популација (школска возраст, од 7 до 18 години).

• Сколиозата засега 2-3 проценти од популацијата, што кај нас би значело приближно 40-60.000 лица
• Примарната старосна група за појава на сколиоза е од 10 до 15 години, за двата пола
• 10% од адолесцентите имаат некаков облик на сколиоза
• Кај 80% од случаите причината не е позната (т.н. идиопатска адолесцентна сколиоза)
• 30% од случаите имаат некаква семејна историја на ‘рбетни деформитети
• Женските деца имаат 7-8 пати поголема веројатност за влошување на закривеноста на ‘рбетот и потреба од терапија
• Секоја година, пациентите со сколиоза имаат само околу 1000 прегледи во специјалистичките ординации
• На приближно 400 деца им се изработуваат ортози (корсети) секоја година
• За жал, речиси 300 пациенти секоја година имаат дополнителна потреба од хируршка интервенција (спинална фузија)

skolioza-kocka

Сколиозата се јавува и кај двата пола, но почеста е кај девојчињата во споредба со момчињата, особено во пубертетот и адолесценцијата, кога поради хормонални промени децата нагло растат и се развиваат. Ризикот од сколиоза постои се додека детето расте и се развива, односно до моментот кога ќе заврши растот и развојот на коските и затоа лекувањето и следењето трае до 18. година од животот.

СКОЛИОЗИТЕ се делат на функционални и структурални. Кај функционалните СКОЛИОЗИ (сколиотичен став) нема патолошки промени, па како такви не бараат посебен третман, но тоа никако не значи дека може да ги занемариме бидејќи може да се развијат во структурални кај кои патолошката промена веќе се случила. Структуралните СКОЛИОЗИ се видливи на ренген слики, а исто така е видлива и ребрената грпка како последица од ротација на пршлените околу својата оска. Најголем дел (преку 80%) од структуралните СКОЛИОЗИ се идиопатски, односно не е позната причината за нив.

Идиопатската СКОЛИОЗА може да биде:

• Инфантилна (деца од 0 до 3 години)
• Јувенилна (4 до 9 години)
• Адолесцентна (10 до 18 години)
• Адултна (возрасна (>18))

Адолесцентната идиопатска СКОЛИОЗА (АИС) е најчеста и се влошува во периодот на нагол раст и развој, односно во пубертетскиот период. СКОЛИОЗАТА може брзо да се развие во многу краток период, заради што родителите често и не ја забележуваат кај своите деца.

За СКОЛИОЗА се смета секоја кривина над 10 степени по Cobb, а сѐ под тоа е само лош став (држење). Децата кои се во пубертет, а имаат СКОЛИОЗА поголема од 25 степени по Cobb, покрај вежбите се препорачува и носење на корективна ортоза. За децата кои сѐ уште не влегле во пубертет и не поминале низ период на нагол раст, се препорачува носење на корективна ортоза и кај кривини помали од 25 степени по Cobb, за да се контролира и стабилизира СКОЛИОЗАТА пред да настапи периодот на наглиот раст. Тој период е најкритичен за децата кои веќе имаат СКОЛИОЗА, така што и покрај носењето на корективна ортоза и вежбањето, може да дојде до влошување на закривеноста.

Раната детекција е клучна за обезбедување навремена и неинвазивна корекција, која може да спречи многу посериозни компликации, па дури и хируршки зафати. Приближно 1 од 5 деца или адолесценти дијагностицирани со сколиоза има потреба од третман со ортоза. Изработката на ортоза вклучува најсовремена технологија како 3D скенирање на телото, внесување на корекцијата во дигитален облик и машинска изработка на моделот со потребната корекција.

Останати новости

11/04/2024

Ехо на уринарен тракт

08/04/2024

Ехо на хепар и жолчно кесе

05/04/2024

Доплер ехо на долни екстремитети: сеопфатен водич