Остеопенија и остеопороза

07-07-2022

Остеопорозата е состојба на намалена коскена маса и деградација на коскеното ткиво, што доведува до зголемена кршливост на коските и последователно зголемен ризик од фрактури (скршеници). Заболувањето се појавува бавно со тек на години и е почесто кај жените.

Се проценува дека повеќе од 60.000 Македонци постари од 50 години имаат остеопороза.

Жените над 45 години кај нас имаат почести хоспитализации за остеопоротични скршеници отколку за карцином на дојките.

1 од 4 жени и 1 од 20 мажи над 65 години кај нас има остеопороза.

Остеопенијата е всушност раниот стадиум на остеопороза, која може да започне на 35 годишна возраст, со прогресивно намалување на коскената маса. Ризикот за фрактури на коските понатаму се дуплира на секои 10 години, како за жени, така и за мажи.

Остеопорозата и остеопенијата се глобални проблеми

Коскената атрофија и губењето коскена густина и стабилност се проблем кој е најчест кај пост-менопаузалните жени. Но не само кај нив. Поради продолжениот животен век, остеопенијата и остеопорозата се голем меѓународен здравствен проблем кој ја чини економијата 37 милијарди евра во ЕУ и 20 милијарди долари во САД.

Постојат 2 вида остепороза:

Примарна: се појавува како што старееме и природно опаѓаат нивоата на половите хормони (естроген и тестостерон).

Секундарна: се должи на други медицински состојби (на пр. болести на штитната жлезда) или употреба на лекови (на пр. долготрајно земање кортикостероиди).

Остеопенија е почетна состојба: цврстината на коските е намалена, но сепак не доволно за да се класифицира како остеопороза. Но, доколку не се третира, постои ризик за развој на остеопороза.

Остепорозата е “тивко заболување,” што значи дека нема симптоми. Остеопорозата најчесто се открива случајно, откако веќе настанала скршеница. Кога имате остепороза, скршениците може да настанат и по едноставно сопнување и паѓање, а понекогаш и без тоа.

Најчестите повреди на лица заболени од остепороза се:

скршен рачен зглоб
скршен колк
скршени пршлени

Може да не знаеме дека ја имаме сѐ додека ненадеен пад не предизвика скршеница. Со остеопороза, дури и малите, навидум незначајни сопнувања може да значат сериозни последици, како хируршка интервенција и хоспитализација.

Паѓањето при остеопороза може да има катастрофални последици, особено во зима. 1 од 3 жени и 1 од 5 мажи над 50 години може да се здобие со скршеници, воглавном како последица од остеопороза. Најчестите скршеници се на колковите, подлактицата, надлактицата, но исто така и карлицата, ребрата, натколеницата и потколеницата.

Ако имате остепороза, може да добиете скршеница дури и ако не паднете, само преку чистење снег, на пример. Спонтаните, т.н. компресивни фактури на ‘рбетните пршлени може да бидат суптилни и незабележителни, сѐ додека не почне да боли.

За да ја разбереме остеопорозата, треба да знаеме неколку работи за здравјето на коските.

Коските се живи. Можеби не ги доживуваме така – но за да останат силни и цврсти, коските постојано се менуваат и ремоделираат. Коските се живо, ткиво кое расте и постојано се разградува и обновува. Старото ткиво се отстранува со процес кој се нарекува ресорпција, а на негово место се создава ново. Ова ги одржува коските здрави и овозможува поправки кога и да се потребни.

Остеопороза се појавува кога овој процес не е избалансиран. Со други зборови, кога има повеќе ресорпција отколку создавање, се случува загуба на коскената маса, односно намалување на коскената минерална густина. Ова нормално се случува со тек на годините, но кај жените се случува порано и побрзо. Половите хормони имаат клучна улога: естрогенот и тестостеронот ја спречуваат прекумерната ресорпција. Кога нивоата на овие хормони во телото опаѓаат, се забрзува загубата на коскена маса. Со годините, коските се изложени на сѐ поголем ризик од остеопороза, при што стануваат сѐ послаби и кршливи, а штом еднаш ќе се скршат, многу потешко зараснуваат. Ова може да биде многу болно (и скапо) искуство.

Бидејќи намалената коскена минерална густина и остеопорозата најчесто немаат симптоми, скринингот игра клучна улога во навремената дијагноза. Тестирањето е единствен начин да дознаете дали имате остеопороза и треба да се тестирате за да знаете дали е потребно лекување.

Препорака е сите жени над 65 годишна возраст и оние кои поминале низ менопауза да се тестираат за коскена минерална густина. Бидејќи остеопорозата е поретка кај мажи, за сега не постојат официјални препораки за скрининг.

Остеопорозата вообичаено се дијагностицира со специјален тест кој се вика тест за коскена минерална густина, што се прави преку специјален DEXA скен (dual-energy X-ray absorptiometry), што ја мери густината на коските. Тестот е потполно безболен.

Важно е во тек на целиот живот да се работи за зајакнување на коскената цврстина, со цел да се спречат повреди во поодминатите години. Мали промени во начинот на живот може да имаат големо влијание врз коскената маса. Еве неколку совети за здравје на коските, превенција и дополнителна терапија доколку веќе имате остеопороза:

Доволно калциум и витамин Д3: калциумот и останатите минерали се градбени елементи за здрави коски, а витаминот Д3 му помага на телото да го врзе калциумот.

За возрасни лица над 50 годишна возраст, се препорачува најмалку 1,000 интернационални единици (ИЕ) витамин Д3, но не повеќе од 4,000 ИЕ; како и 1,200 mg калциум дневно, но не повеќе од 1,500 mg.

Намалете пушење тутун и пиење алкохол, или целосно престанете: 3 и повеќе алкохолни пијалоци дневно и пушење воопшто го зголемуваат ризикот од скршеници на коските.

Физичката активност треба да стане редовна навика, ако веќе не е: вежбањето ги зајакнува мускулите и ја подобрува рамнотежата, што го смалува ризикот од паѓање. Исто така, вежбањето кај жени по менопауза го забавува губењето коскена маса.

Коските се важни. Тие ни даваат поддршка за правилно држење на телото и ни овозможуваат да се движиме. Истовремено, ги штитат срцето, белите дробови и мозокот од повреди. Воедно, тие се складиште за витално важни минерали потребни за животот. Коските се грижат за нас на многу начини. Да се погрижиме и ние за нив.

Останати новости

16/07/2024

Претставување на новиот ултразвучен (ехо) уред Siemens ACUSON Juniper

16/07/2024

Нов компјутерски томограф Siemens SOMATOM go.Now

25/06/2024

Ехо на тестиси: Зошто е особено важно во лето?